-Направете го вистинскиот избор, споредете, не само програми, споредете што се случуваше. Јас бев во Собранието, а сегашниот претседател беше претседател и мислам дека многу лесно можете да донесете одлука, им порача на гласачите Гордана Силјановска Давкова, кандидатот за претседател на државата, поддржан од Коалицијата предводена од ВМРО-ДПМНЕ, по искористувањето на своето право на глас за претседателските избори на избирачкото место 2866 во ОУ „Коле Неделковски“ во Скопје.
-Дојде час да си замине оваа власт. Јас никогаш не агитирам за себе, граѓаните знаат за кого да гласаат и да си го искористат избирачкото право. Ако победам, а мислам дека сигурно ќе влезам во вториот изборен круг, сметам дека она што го видов од вчерашните резултати е добар граѓански показател, изјави Силјановска Давкова.
Додаде дека системот е чуден и дека сме ретка земја во која во вториот круг на претседателските избори има изборен праг од дури 40 отсто во парламентарен систем.
-Мислам дека на следните избори треба да ја примениме препораката на Венецијанската комисија и ОБСЕ/ОДИХР за отстранување на изборниот праг од 40 отсто во вториот изборен круг. Тоа е праг што бара не само преговори и разговори, туку овозможува уцени и пазари, а јас сум против пазарна политика, порача таа.