„Ас“ тврди: Македонецот Димитриевски веќе има потпишано за Валенсија!

Македонскиот репрезентативен голман, Столе Димитриевски, кариерата ќе ја продолжи во тимот на Валенсија, тврди денеска реномираниот шпански весник „Ас“, кој открива дека тој веќе има потпишано договор со „лилјаците“.

Одличниот чувар на мрежата се уште нема одговорено на понудата за нов договор на сегашниот тим Рајо Валјекано, што се сфаќа како „нежен“ начин на нејзино не прифаќање и желба кариерата да се продолжи на друго место. Сегашната соработка на Димитриевски со овој клуб завршува на 30 јуни по што тој ќе стане слободен фудбалер и ќе може да потпише за Валенсија без никаква отштета, што дефинитивно може да му донесе поголема годишна плата.

Валенсија во македонскиот голман гледа добро и евтино решение за голманската позиција, како замена за Грузиецот Гиорги Мамардашвили, кого планираат да го продадат претстојново лето за сума не помала од 30 милиони евра, пари со кои би го покриле минусот во клупската каса. Нашиот Столе досега годишно заработуваше речиси 800.000 евра по сезона, а се очекува од следната сезона првпат да инкасира повеќе од милион евра.