Сирискиот претседател Башар ал-Асад во петок во Саудиска Арабија ќе присуствува на својот прв самит на Арапската лига по тринаесет години, што ќе го одбележи неговото враќање на арапската политичка сцена по долгата изолација поради војната во неговата земја.
На 7-ми мај, панарапската организација го обнови членството на Сирија, која ја исклучи на крајот на 2011 година по задушувањето на бунтот на вооружените сунитски групи поддржани од западните земји и блискоисточните сунитски монархии во стихијата од ткн Арапска пролет со која таа година беа соборени властите во низа муслимански земји главно во северна Африка, што се претвори во страшна граѓанска војна.
Сирискиот министер за надворешни работи во средата потврди дека Башар ал-Асад ќе присуствува на самитот во Џеда, на Црвеното Море, на кој монархијата го покани минатата седмица.
„Тој ќе дојде и ќе учествува на тој состанок на врвот“, изјави Фајсал Мекдад, кој се сретна со неговиот саудиски колега Фајсал бин Фархан на маргините на подготвителниот состанок на арапските министри за надворешни работи во Џеда.
Аналитичарите сметаат дека поканата испратена до Башар ал-Асад е потврда за дипломатската важност на Саудиска Арабија, која се залага за рехабилитација на Дамаск и сака да влијае на регионалните конфликти.
Во Вашингтон, заменик портпаролот на Стејт департментот, Ведант Пател, повтори дека САД се против рехабилитацијата на Сирија.
„Во крајна линија, тоа се нивни одлуки, но нашиот став е јасен: нема да ги нормализираме врските со режимот на Асад и не ги поддржуваме оние што го прават тоа“, изјави Пател за новинарите.
Заедно со обновувањето на врските со сирискиот режим, арапските лидери ќе разговараат и за ситуацијата во Судан, каде што еден месец беснее крвав конфликт, како и за Јемен, каде војната трае повеќе од осум години, а почна да стивнува по нормализирањето на односите меѓу Саудиска Арабија и Иран кои во таа граѓанска војна ги поддржуваа спротиставените страни.