Основачот на разобличувачкиот интернет ресурс WikiLeaks, Австралиецот Џулијан Асанж изјави во четвртокот на судот во Лондон дека со својата работа „заштитил многу луѓе“, одбивајќи да се согласи да биде предаден на САД каде го очекува судење поради масовното објавување доверливи информации на интернет, што беше еден од најголемите вакви случаи во историјата.
Вашингтон побара негова екстрадиција откако беше уапсен во амбасадата на Еквадор во Лондон на 11-ти април. Обвинет е во САД за заговор со цел да се провали во компјутерските системи за што може да добиде до пет години затвор.
„Обвинувањата се однесуваат на едно од најголемите објавувања на доверливи информации во историјата на Соединетите држави“, рече Бен Брандон, адвокат кој ги застапува САД. Тој посочи дека големо мнозинство од тие информации се објавени на WikiLeaks.
Станува збор за 90.000 извештаи за војна во Авганистан, 400.000 кои се однесуваат на војната во Ирак, 800 на затворените лица во Гвантанамо и 250.000 американските дипломатски преписки со потценувачки и потсмешливи оцени за светските челници вклучително и американски сојузници, што му донесе многу непријатности на Вашингтон. На почетокот од 2010 година нив од компјутерските системи ги симна разузнавачкиот аналитичар Бредли Менинг, кој потоа го смени полот и сега е Челзи Менинг.
Во изјавата дадена преку видео врска од британски затвор, Асанж на судот рече дека не сака да биде екстрадиран. „Не сакам да се согласам на екстрадиција. Ја сум новинар кој освоил многу многу награди и заштитив многу луѓе“, рече Австралиецот.
Случајот е одложен до 30-ти мај кога ќе се одржи процедуралното сослушување, а уште едно, посуштинско сослушување е предвидено за 12-ти јуни. Целосното сослушување пред екстрадицијата се очекува за неколку месеци, според судски извори.
Асанж во средата на британскиот суд беше осуден на 50 дена затвор поради кршење на условите за пуштање на слобода со кауција, бидејќи во еквадорската амбасада мина седум години. Азил во амбасадата побара во јуни 2012 година за да го избегне предавањето на Шведска каде беше обвинет за силување и сексуално злоставување, што тој го отфрла.
Асанж на насловните страници ширум светот дојде во 2010 година кога WikiLeaks објави доверлив американски воен видео материјал за напад на хеликоптер во 2007 година во Багдад кога се убиени десетина цивили, меѓу кои и двајца репорери на агенцијата Reuters. Поради овие објави, тој од многумина е сметан за херој бидејќи разоктрил како државите ја злоупотребуваат моќта и промовираше слобода на говорот, а за политичкиот естаблишемнт, особено во Вапингтон, е опасен бунтовник кој ја загрозил безбедноста на САД.