Основачот на Викиликс, Џулијан Асанж денеска се очекува да открие дали неговата 13-годишна правна битка против неговата екстрадиција од Велика Британија во САД под обвинение за шпионажа е изгубена.
Двајца судии на Високиот суд во Лондон треба да одлучат дали британскиот суд ги прифаќа гаранциите на Вашингтон дека Асанж (52) нема да се соочи со смртна казна за време на неговото судење за шпионажа во САД и дека ќе може да се повика на правото на слобода на говор од првиот амандман, пренесува Ројтерс.
Адвокатскиот тим на Асанж вели дека опциите се отворени – тој би можел да биде во авион за Америка во рок од 24 часа, би можел да биде ослободен или неговиот случај да оди во нов, повеќемесечен правен процес.
„Имам чувство дека се може да се случи во оваа фаза. Тој може да биде екстрадиран или да биде ослободен“, изјави минатата недела сопругата на Асанж, Стела.
Викиликс објави стотици илјади доверливи американски воени документи за американските војни во Авганистан и Ирак, како и голем број дипломатски телеграми, поради што американското обвинителство го товари Асанж за кршење на Законот за шпионажа.
Многубројните поддржувачи на Асанж ширум светот сметаат дека тужбата против него е напад врз новинарството и слободата на говорот и одмазда. Бројни групи за човекови права, како и политичари, меѓу кои и австралискиот премиер Ентони Албанес, побараа ослободување на Асанж.
Во 2006 година, Џулијан Асанж го основа Викиликс преку кој објавуваше доверливи или чувствителни информации. На 5 април 2010 година, Викиликс објави видео на кое се гледа американски хеликоптерски напад во кој загинаа цивили во Багдад, вклучително и двајца новинари на Ројтерс.
На 25 јули 2010 година, Асанж објави повеќе од 91.000 документи, главно тајни извештаи на американската војска за војната во Авганистан. Во октомври 2010 година, Викиликс објави 400.000 доверливи воени досиеја за војната во Ирак, а следниот месец илјадници американски дипломатски телеграми, вклучително и ставови на странски лидери и проценки за безбедносните закани.
Асанж беше уапсен во 2010 година во Велика Британија, но беше ослободен со кауција во февруари 2011 година. Вестминстерскиот суд во Лондон нареди екстрадиција на Асанж во Шведска поради обвинение за силување, но тој ја обжали одлуката. Британскиот Врховен суд ја одби жалбата на Асанж, а пет дена подоцна тој се засолни во амбасадата на Еквадор во Лондон и побара политички азил.
Тој беше уапсен на 11 април 2019 година, откако Еквадор му го укина политичкиот азил, а на 1 мај беше осуден на 50 недели затвор од британскиот суд за прекршување на кауцијата. Тој моментално се наоѓа во британски затвор, каде што го чека сослушувањето за процесот на екстрадиција.