Асфалтиран крак од улицата „Сремски фронт“ во Штип

Општина Штип денеска асфалтираше крак од улицата „Сремски фронт“ во должина од 350 метри.

Проектот е на ЈП „Стипион 2011“ а по претходно објавена јавна набавка, асфалтирањето го врши штипската фирма „Коле Транс“. Вредноста на проектот е 3.5 милиона денари кои се обезбедени од буџетот на локалната самоуправа.

„Доколку временските услови го дозволат тоа, планирано е да се асфалтира и улицата „Белградска“ во населбата Дузлак, во должина од 220 метри која пред извесно време беше тампонирана. Вредноста на набавката е 755.000 денари. Улицата „Белградска“ ќе добие асфалт најверојатно за време на викендот а потоа локалната самоуправа и градоначалникот ќе се зафатат со асфалтирање на неколку помали улици во населбата Баби“, изјави Драган Ристов, портпаролот на Општина Штип.

Според Ристов, со ова се зголемува бројот на завршени проекти на штипскиот градоначалник Илчо Захариев, во поглед на локалната и регионална патна инфраструктура. Имено за неполна година асфалтирани се 13 сообраќајници од кои четири поголеми проекти (обиколница Суитлак, обиколница Ново Село, пат до акумулација Мантово и пат до село Сарчиево) се со финансиска поддршка на ЈП за државни патишта, патот до село Горачино е со подршка на Агенцијата за финансиска поддршка на руралниот развој а преостанатите осум проекти се со средства од општината.