АСО со нов Правилник за можните ризици од „Јунит Линкд“ осигурување живот

Животното осигурување кај кое парите се вложуваат во удели на инвестициски фондови („Јунит Линкд“ осигурување) е висококвалитетен производ со голем потенцијал за оплодување на инвестицијата. Но, тој истовремено содржи и ризик од загуба на вложените средства затоа што вредноста на вложеното зависи од цените на уделите кои се формираат на берзите. Токму заради ова АСО ги задолжи осигурителните компании квалитетно да ги информираат осигурениците за ризикот од загуба на вложените средства.

Со новиот правилник на АСО, кој стапи на сила овој месец, продавачите на „Јунит Линкд“ осигурување имаат обврска на секој потенцијален осигуреник да му дадат на увид ниво на ризик од загуба на вложеното на скала од 1 до 7. Исто како што имаат обврска пред продажбата на „Јунит Линкд“ осигурување на осигуреникот да му дадат детален приказ на структура на сите трошоци на вложување кои ќе треба да ги плати. Осигуреникот има право да добие на увид податоци за очекуван просечен месечен раст на вредноста на вложеното за период од пет години во иднина. Ова се дел од новините кои произлегуваат од новиот правилникот со кој АСО значајно ја зголеми транспарентноста при вложување во „Јунит Линкд“ осигурување живот, соопштуваат Агенцијата за супервизија на осигурување (АСО).

АСО ги задолжи сите осигурителни компании кои продаваат „Јунит Линкд“ осигурување живот на секој потенцијален осигуреник да му достават документ со клучни информации врз основа на кој ќе одлучи дали да вложи во овој осигурителен производ.

Станува збор за унифициран документ кој содржи информации за нивото на ризик од можна загуба на вложени средства како и за очекуваната добивка од вложеното. Осигуреникот ќе биде информиран и за условите и последиците од предвремено раскинување на договорот за вложување. Исто така продавачот ќе ги прикаже и сите еднократни, периодични, повторливи, повремени и непредвидени трошоци што треба да ги плати осигуреникот.

„Јунит Линкд“ е релативно нова класа на осигурување живот кај која дел од вложените пари се инвестираат во удели на инвестициски фондови. Тоа се вложувања со висок квалитет, но факт е дека цените на уделите се променливи и зависат од движењата на глобалните берзи. Токму заради тоа и ризикот од вложувањето на средствата паѓа на товар на осигуреникот.

„Официјалните податоци на АСО покажуваат дека само во минатата година биле раскинати 941 договор за „Јунит Линкд“ осигурување живот во период кога вкупно биле склучени 2.726 договори. Дополнително на ова бројот на раскинати договори лани достигна 9 отсто од вкупниот број на активни договори во оваа осигурителна класа кој изнесува 10.628“, информираат од АСО и додаваат дека, „Следејќи ја будно оваа состојба Советот на експерти на АСО одлучи да усвои подзаконски акт што значајно ќе ја зголеми транспарентноста за овој осигурителен производ.

Вложувањата во животното осигурување во кое ризикот од инвестирањето е на товар на осигуреникот (популарно наречениот „Јунит Линкд“) лани достигнале 383,2 милиони денари (над 6 мил.евра). Тоа е за 27 отсто повеќе од 2020 година.