Индустријата на игри на среќа е силен импулс во државната економија и во услови на криза. Според анализите на Асоцијацијата на спортски обложувалници на Македонија (АСОМ), членките на Асоцијацијата само од мај до крајот на август придонеле со 600 милиони денари во државниот буџет по сите основи од работењето.
– Ние направивме пресек колку сме придонеле во државниот буџет од повторното отворање на 13 мај заклучно со 31 август 2020. Станува збор за сума од повеќе од 600.000.000 денари по сите основи на работењето, посебна давачка од 20% плус 3%, посебна давачка од 4% за онлајн обложување, персонален данок од игри на среќа, персонален данок од закуп на простор, придонеси за плати, платено ДДВ кон државата, платено ДДВ кон добавувачи, аконтации од данок на добивка – вели Васко Илијевски од АСОМ во интервју за порталот „Фактор“.
Доколку се земе предвид дека индустријата на игри на среќа во нашата земја вработува речиси 8.000 лица, од кои околу 4.500 само кај приредувачите на игри на среќа во обложувалница, а целата индустрија поддржува индиректно околу 54.000 работни места, разбирлива е грижата која се наметнува околу евентуалните промени на законот за игри на среќа, не само како удар врз оваа индустрија и вработените, туку и врз целокупната економија погодена од ковид кризата.
– Ние многу пати досега сме го споменувале фактот дека индустријата на игри на среќа е силен импулс во државната економија. Ние сме индустрија која плаќа високи даноци, придонесува со вкупно една четвртина милијарди евра во државниот буџет. Конкретно, индустријата на игрите на среќа има високи 4 проценти удел во бруто-домашниот производ. Во републичкиот и во локалните буџети во 2018 година се влеале вкупно 253 милиони евра благодарение на нашата работа. Ова се пари кои се користат директно за потребите на сите граѓани во државава. Нашата индустрија позитивно влијае и врз развојот на други стопански гранки, преку зголемување на обемот на производство на своите добавувачи, или поконкретно индустријата за производство на мебел, електрична опрема и уреди, компјутерска и телекомуникациска опрема, развој на софтвер, набавка и одржување на возниот парк и слично. Ова се пари кои се слеваат во други дејности и придонесуваат за стопански развој во земјата – објаснува Илијевски.
Од таа перспектива, евентуалните измени на Законот за игри на среќа кои предвидуваат дислоцирање на објектите во кои се приредуваат игрите на среќа и регулирање на нивната оддалеченост од училиштата, факултетите, универзитетите, според него, би значело затворање на една цела индустрија, но и силен удар врз економијата. Секоја измена или нови законски решенија, мора да ги има предвид сите засегнати страни, и Илијевски бара во тој процес да биде вклучена и Асоцијацијата. Ние имаме одлично регулирана индустрија со прецизни закони и без сиви зони. Ова не смее да се наруши и ние на таков закон остро ќе се спротиставиме, истакнува Илијевски.
Тој потсетува дека ниту една европска земја не ја разгледува можноста за забрани, туку квалитетно регулирање на индустријата, за што впрочем се залага и АСОМ. Европските земји воопшто не размислуваат за забрани.
– Ние сме земја која цели кон Европската Унија, а тоа значи дека треба да ја следиме европската регулатива и закони кои значат квалитетно регулирање на игрите на среќа. Во ниедна земја членка на ЕУ ваков закон каков што беше предложен не постои и сметам дека тоа не треба да биде случај ниту кај нас. Доследно го спроведуваме законот, а како Асоцијација сме подготвени да прифатиме и построга контрола и построги казни за прекршување на постојниот закон. Ние се залагаме за одговорно обложување, сигурно и безбедно опкружување за нашите играчи и одржливо деловно опкружување за индустријата. Законски решенија кои нанесуваат штета на компаниите и економијата, а не решаваат никаков проблем нема да прифатиме. Нам сега како држава, најмалку ни требаат решенија кои затвораат стопански гранки, напротив ни треба силна државна поддршка која ќе го застане на нозе стопанството и ќе помогне што побрзо и што побезболно заедно да ја надминеме кризата и да ги минимизираме ефектите од неа – порачува Илијевски.
Тој ја поздрави уредбата на Владата со која се овозможи онлајн обложување преку сајтовите на домашните обложувалници, акцентирајќи дека со оваа уредба се спречи, според некои проценки 40 до 50 милиони евра одлив на средства од државата по основ на нелегалното он-лајн обложување на странските сајтови. Со ова на играчите им се гарантира безбедност на нвните уплати и ислпати, а државата има целосен увид.
– Со нелегалното онлајн обложување на странските сајтови, државата нема контрола врз обложувањето, а парите за данокот, наместо во буџетот, се одлеваат надвор од неа. Ова се средства кои се од значаен интерес за домашната економија, одржувањето и отворањето на нови работни места и инвестиции – вели Илијевски.
Министерството за финансии, веќе ги извести странските приредувачи на игри на среќа кои нелегално и без лиценца приредуваа онлајн обложување дека е забрането учество на граѓаните на Република Северна Македонија кај странски нелиценцирани приредувачи на игри на среќа. Доколку УЈП утврди прилив на средства од учество во игри на среќа кај странски нелиценцирани приредувачи на игри на среќа, тоа подлежи на парични казни за играчите.
– Оваа уредба на Владата дојде во вистински момент како соодветен одговор на корона кризата и навистина помогна да се зачуваат многу работни места кои директно и индиректно ги одржува индустријата на игри на среќа – додава Илијевски.