Францускиот премиер Габриел Атал ги опиша нападите врз мрежата на брзи возови во земјата како „координирана саботажа“. Атал на социјалната мрежа Х напиша дека нападите на железничката мрежа на денот на отворањето на Олимпијадата биле масовни и тешки.
„Нашите разузнавачки служби и полиција се мобилизирани за да ги пронајдат и казнат сторителите на овие злосторства“, рече Атал.
Додаде дека мислел на сите Французи кои се подготвуваат да одат на одмор.
„Го споделувам нивниот гнев и го ценам трпението, разбирањето и граѓанскиот дух што го покажуваат“, рече Атал.
Вандали ја нападнаа француската мрежа за брзи возови TGV во серија координирани акции што предизвикаа големи прекини на некои од најпрометните железнички линии во земјата пред церемонијата на отворање на Олимпијадата во Париз во петок. Државниот железнички оператор соопшти дека подметнувачите на пожари запалиле инсталации долж линиите што го поврзуваат Париз со западниот, северниот и источниот дел на земјата и дека сообраќајот ќе биде сериозно прекинат во текот на викендот.
„Синоќа, SNCF беше жртва на неколку вандалски чинови на брзите линии на Атлантикот, северот и истокот. Пожарите беа намерно подметнати за да ги оштетат нашите инсталации“, соопшти компанијата SNCF.
Градоначалничката на Париз, Ан Идалго, изјави дека нападот утринава на брзите железнички линии нема да има „никакво влијание врз церемонијата на отворање“ на Олимписките игри „бидејќи нема никакви последици врз транспортната мрежа“ на парискиот регион.
Франција е на највисоко ниво на безбедност, иако официјалните лица повторија дека нема посебна закана за церемонијата на отворање или за самите игри. Десетици светски челници ќе бидат во Париз на свеченото отворање, кое ќе биде заштитено со снајперисти на покривите. Коритото на реката Сена е исчистено од бомби, а воздушниот простор на Париз ќе биде затворен.
Авиони за радарски надзор и беспилотни летала „Reaper“ ќе ги надгледуваат чувствителните локации одозгора, а борбените авиони „Mirage 2000“ ќе бидат во подготвеност за пресретнување на авиони кои залутале во ограничен воздушен простор.