Фудбалерите на Аталанта се пласираа во полуфиналето на Купот на Италија, откако во четвртфиналниот натпревар на милански „Сан Сиро“ го совладаа Милан со 2:1, а Лацио избори пласман меѓу четирите најдобри екипи со победата од 1:0 против градскиот ривал Рома во жестокот Дерби дела Капитале.
Јунак на натпреварот на „Сан Сиро“ беше холандскиот двоен стрелец Теун Купмајнерс. Милан поведе во 45. минута со голот на Рафаел Леао на асистенција на Тео Ернандез. Но, само две минути подоцна, Купмајнерс постигна гол за 1:1. Во 59. минута гостите добија пенал. Алехандро Хименез го собори Алексеј Миранчук, а судијата Марко Ди Бело покажа на белата точка. Купмајнерс сигурно погоди за 2:1.
Милан беше блиску до израмнување во 71. минута, Кристијан Пулишик шутираше, но голманот одбрани. Во 88. се закани и Јунус Мусах, но Марко Карнесеки уште еднаш беше подготвен. Победата гостите ја остварија без тренерот Џан Пјеро Гасперини, кој беше исклучен уште во 38. минута поради приговор.
Аталанта во полуфиналето ќе игра против Фиорентина, која во вторникот со подобро изведување на пеналите ја победи Болоња со 5:4, откако регуларниот тек на мечот заврши без голови.
Во второто полуфинале ќе играат Лацио и победникот од утрешната пресметка меѓу Јувентус и Фросиноне.
Лацио избори пласман меѓу четирите најдобри екипи во Купот со минималната победа над „Волчицата“, а ткн „Дерби дела Капитале“ го реши погодокот на Матија Закањи од пенал во 51. минута.
Тоа беше најубавиот подарок за навивачите на „небесносините“, ден по прославата на 124-то роденден на Лацио.
Најблиску до израмнување Рома дојде во 89. минута кога Андре Белоти одлично шутираше, но Христос Мандас одлично одбрани, а потоа ја изби топката во корнер пред напаѓачот на Рома. Во осмата минута од судиското надополнување одлична шанса имаше и Ромелу Лукаку, но напаѓачот на Рома со „ножички“ шутираше над голот.
Лацио последните три минути играше со играч помалку по исклучувањето на Педро, кој за само две минути собра два жолти картона. Во последните секунди и Рома остана со играч помалку откако Сардар Азмун беше исклучен поради удирање на противнички играч.
Веќе вообичаено, римскиот дуел со високи тензии како на теренот така и на трибините, беше обезбедувано од повеќе од илјада полицајци и редари на и околу Олимпискиот стадион.