Атанасов: Дополнителни 3 денари по килограм за откуп на зелка

Обезбедивме интервентна мерка од дополнителни три денари по килограм зелка од домашно производство, со што го стабилизираме пазарот со зелка и им помагаме на земјоделците. Корисници на оваа мерка се земјоделски стопанства кои имаат засадени површини со зелка, а оствареното производство го имаат продадено кај регистриран откупувач, запишан во Регистарот на откупувачи на земјоделски производи, рече на прес-конференција, Зоран Атанасов, претседател на Комисија за земјоделство, шумарство и водостопанство на СДСМ.

– За нив е обезбедена финансиска поддршка во износ од 3 денари по килограм зелка, а исплатата се однесува за количини кои се продадени во периодот од 05. април до 05. мај 2020 година. На овој начин обезбедуваме стабилизација на пазарот со зелка  кој во месец април беше дестабилизаран поради намалување на побарувачката и откупната цена,  како последица од вонредната состојба предизвикана од коронавирусот – истакна Атанасов.

Дополнително, рече тој, обезбедени се 110 милиони денари од Програмата за финансирање на активностите во тутунското производство за 2020 година, кои ќе се искористат за финансиска поддршка во земјоделството за 2020 година. Со средствата кои се пренаменети ќе се изврши исплата на заостанатите обврски кон земјоделците.