Атентат врз украински пратеник

Во експлозија во украинската престолнина Киев загинал еден маж, а тројцата други се ранети меѓу кои и украинскиот пратеник Игор Мосијчук, изјави функционер на министерството за внатрешни работи на Facebook, a медиумите јавуваат дека станува збор за атентат врз пратеникот на Радикалната партија.

„Штотуку врз Игор Мосијчук е извршен атентат. На излегувањето од телевизискиот канал Еспреспо, кога тој излегуваше од зградата, се случи експлозија“, се наведува во соопштението на прес-службата на пратеникот на социјалните мрежи.

Според ова соопштение се потврдува дека пратеникот е ранет, и е превезен во болница.

Челникот на Радикалната партија, Олег Лјашко, на Facebook објави дека Мосијчук е тешко повреден, но дека е надвор од животна опасност. Лјашко потврдува дека загинатиот бил телохранител на пратеникот, како и дека еден од ранетите во нападот е политиколог со кого Мосијчук учествувал во телевизиска дебата.

„Вкупно четири лица се ренети во експлозијата. За жал, еден не можеше да биде спасен. Почина на пат за болницата од повредите со коишто се здоби. Овој маж е на околу триесетгодишна возраст и во моментов се утврдува неговиот идентитет“, изјави, пак, советникот во министерството за внатрешни работи ан Украина, Зорјан Шкирјак.

Антон Герашченко, советник на министерот за внатрешни работи, потврди дека едно лице загинало и оти три други лица се хоспитализирани со различни повреди, вклучително и пратеникот Мосијчук.

Двајцата советници изјавија дека експлодирал паркиран мотоцикл. „Очигледно моќност на експлозијата не била помала од килограм еквивалент на тротил“, додаде Герачшенко.