Атентаторот на словачкиот премиер Роберт Фицо, кој се бори за живот, е 71-годишниот книжевник Јурај Цинтула, објавија во средата словачките медиуми. Мотивот за атентатот не е познат, а напаѓачот веднаш е уапсен. Словачките медиуми јавуваат дека тој е поранешен чувар во трговски центар, автор на три збирки поезија и член на Друштвото на писателите.
Словачкиот премиер Роберт Фицо, кој беше застрелан претходно во средата, сѐ уште е на операционата маса, неговата состојба е критична, изјави шефот на Министерството за внатрешни работи на републиката, Матус Шутаи-Ешток.
„За време на обидот за атентат, напаѓачот испука пет куршуми, премиерот е во критична состојба, тој сѐ уште е на операционата маса“, изјави Шутаи-Ешток за новинарите.
На интернет кружи видео од напаѓачот во кое се вели дека не ја одобрува политиката на актуелните власти и промените во словачката јавна телевизија, додаваат словачките медиуми.
Порталот Aktuality.sk ја пренесува изјавата на неговиот син кој тврди дека татко му имал дозвола за пиштол. „Апсолутно немам поим каква намера имал татко ми, планирал, што се случило“, ја пренесуваат изјавата на синот словачките медиуми.
Словачка, членка на НАТО и на Европската унија, нема историја на политичко и воопшто вооружено насилство. Атентатот врз Фицо, социјалдемократскиот премиер и политички ветеран на оваа централноевропска земја, го осудија голем број светски лидери, од американскиот претседател Џо Бајден до рускиот претседател Владимир Путин.
Словачката влада соопшти дека животот на Фицо е во опасност. Портпаролката на болницата во Хандлова, мал град во центарот на земјата, во близина на Банска Бистрица, претходно изјави дека премиерот бил свесен кога бил примен, дека повредите му се санирани и дека е стабилизиран.
Медиумите пишуваат дека Фицо им пришол на граѓаните по одржувањето владината седница во Домот на културата во Хандлова, и дека од масата луѓе му се јавил човек со зборовите „Робо, дојди овде“, по што пукал во него.
Телевизијата ТА3 објави дека биле испукани четири истрели, од кои еден го погодил 59-годишниот Фицо во пределот на стомакот. Весникот Pravda пишува дека биле испукани пет куршуми, од кои два до три го погодиле премиерот во стомакот и градите.
Минатата година Фицо по четврти пат се врати на премиерската функција на оваа централноевропска земја, која е членка на Европската унија и НАТО. За време на тридецениската кариера, Фицо се движеше меѓу проевропските мејнстрим и националистичките позиции што се спротивставија на политиките на ЕУ и САД. Тој, исто така, покажа подготвеност да го промени курсот во однос на продолжувањето на воената помош за соседна Украина во војната против Русија, посочувајќи ја како причина влошената економска состојба на словачките граѓани. Исто така, честопати критикуваше дека испораките на оружје на Киев само ја продолжуваат војната и носат дополнителни големи жртви и оти тоа не придонесува за придвижвуање кон мировни преговори.