Атентаторот на Фицо можеби не дејствувал сам, вели словачки министер

Вооружениот напаѓач кој се обиде да го убие словачкиот премиер Роберт Фицо и притоа тешко го рани во нападот во средата можеби не дејствувал сам, изјави во неделата владин претставник.

„Има индиции дека човекот не дејствувал сам. Составивме истражен тим кој ќе работи и на верзијата дека не се работи за волк-самотник“, изјави министерот за внатрешни работи Матуш Шутај-Ешток за новинарите во Братислава.

Една од индициите е дека содржината на Facebook страницата на напаѓачот била избришана додека тој бил во полициски притвор. Тој самиот немал пристап до страницата во тоа време.

„Само два часа по настанот беше отстранета неговата историја од социјалната мрежа Facebook, и тоа не е направено од него самиот, ниту од неговата сопруга“, изјави министерот.

Сега истрагата ја проверува теоријата дека некој можел да го поттикне напаѓачот на извршување на атентатот.

Словачката полиција обвини маж идентификуван од обвинителството како Јурај Цинтула за обид за убиство. Локалните медиуми објавија дека тој бил 71-годишен поранешен чувар кој работел во трговски центар и автор на три збирки поезија кој основал литературен клуб во своето мало место во близина на местото каде го изведе нападот, иако од опозициските и западните медиуми веднаш по нападот беше идентификуван како книжевник и членна националното друштво на писатели. Осомничениот за нападот на словачкиот премиер во саботата пред судот ја призна вината. Како што пренесуваат словачките медиуми, Цинтула во текот на денот бил донесен во Специјализираниот кривичен суд во Пежинок, со посебни безбедносни мерки, а ниту новинарите ниту јавноста не можеле да влезат во судските простории.

Според словачките власти, нападот бил политички мотивиран. Цинтула, кој пред неколку години основал здружение против насилство, сега учествувал на неколку антивладини протести и, како што самиот вели во една снимка веднаш по инцидентот, се спротиставувал на политиките на владата на Фицо во однос на реформите на јавнито радиодифузер, укинувањето на специјалното обвинителство кое го формираше претходната власт во Братислава, а во западните медиуми особено се потенцира неговата изјава дека се спротивставувал на прекинот на помошта за Украина. Интересно, од него самиот изречените мотиви се совпаѓаат со пишувањата на западните медиуми за причините за атентатот на Фицо објавени веднаш со извештаите за обидот за убиство на словачкиот премиер.

Фицо е надвор од животна опасност по обидот за атентат во средата, изјави министерот за одбрана и вицепремиер Роберт Калинак за новинската агенција TASR претходно во неделата. Премиерот моментално закрепнува од раните и од двете повеќечасовни тешки операции во универзитетската болница во Банска Бистрица, во близина на малиот град Хандлова, каде што беше ранет.