Атентаторот на Трамп имал експлозив во автомобилот, пушката му ја купил неговиот татко

Американските власти пронајдоа експлозивни направи во автомобилот на младиот маж за кој властите велат дека се обидел да го убие поранешниот претседател Доналд Трамп, објави во неделата The Wall Street Journal, цитирајќи неименувани извори.

Обидот за атентат врз републиканскиот претседателски кандидат се случи во саботата на неговиот предизборен митинг. Политичарот бил ранет близу десното уво и неговото лице беше облеано со крв, а обезбедувањето го одведе од бината.

Напаѓачот успеал да испука неколку куршуми кон бината, по што бил елиминиран. Осомничениот е 20-годишниот Томас Метју Крукс од Пенсилванија. Тој се криел на покривот на индустриска зграда на околу стотина метри од бината, надвор од просторот каде што се одржувал настанот и успеал да остане незабележан од полициските специјалци снајперисти, исто така, распоредени на покривите на околните објекти.

Во инцидентот загина и маж кој присуствувал на предизборниот собир, а уште две лица се тешко повредени.

Автомобилот управуван од осомничениот вооружен напаѓач Томас Метју Крукс бил паркиран во близина на местото на кој се одржуваше предизборниот собир на Трамп во Батлер, во сојузната држава Пенсилванија во саботата вечерта, објави весникот.

Во продолжение и WSJ, како и телевизиската мрежа ABC News, известуваат дека пушката којашто ја користел Крукс ја купил легално неговиот татко. Инспекторите ја заплениле пушка „AR-15“ по обидот за атентат врз Трамп, за којашто се верува дека дека била употребена во атентатит, објавија весниците The News York Times и The Washongton Post.

Моделот „AR-15“ е полуавтоматска пушка а главно го произведува култниот бренд на оружја „Colt“. Пушката по изгледот е речиси идентична со јуришната пушка „М16“ што ја користи американската војска. Но за разлика од воената верзија, „АR-15“ нема способност за континуиран оган, но искусните стрелци, сепак, можат да испукаат голем број истрели за многу кратко време.

Огнената моќ на пушката варира во зависност од производителот. Оружјето може да се купи онлајн во САД за околу 1.000 долари.

Пушката „АR-15“ се покажа како контроверзна последниве децении, откако беше употребен во неколку масовни престрелки во САД. Оружјето беше забрането неколку години, но е повторно достапно од 2004 година.