Поддржувачите на Доналд Трамп истакнуваат дека демонизацијата на републиканскиот претседателски кандидат во мејнстрим медиумите и од страна на неговите политички опоненти довела до неуспешниот атентат.
„Денешниот настан не е само изолиран инцидент. Централната премиса на кампањата на Бајден е дека претседателот Доналд Трамп е авторитарен фашист кој мора да биде запрен по секоја цена. Таа реторика директно доведе до обид за атентат врз претседателот Трамп“, изјави американскиот сенатор ЏејДи Венс од сојузната држава Охајо, водечки кандидат за потпретседател на Трамп.
Бајден брзо се обиде да ја смири ситуацијата, осудувајќи го нападот како неприфатливо политичко насилство и повлекувајќи реклами од кампањата кои го напаѓаат Трамп.
„Нема место во Америка за вакво насилство. Тоа е одвратно“, им рече Бајден на новинарите.
Мотивот на напаѓачот сѐ уште не е познат. Осомничениот, 20-годишниот Томас Метју Крукс од Бетел Парк, бил регистриран републиканец, според евиденцијата на државните гласачи. Но претходно донирал 15 долари на политички акционен комитет кој собира пари за левичарски и демократски политичари.
Краткорочно, нападот најверојатно ќе ја зајакне позицијата на Трамп во Милвоки оваа седмица на Националната конвенција на републиканците, на која треба да ја прифати претседателската номинација на неговата партија, засилувајќи го чувството на неправда и оттуѓеност што неговите поддржувачи веќе го чувствуваат од политичката елита во САД.
Милијардерите Илон Маск и Бил Акман веднаш го поддржаа Трамп. „Целосно го поддржувам претседателот Трамп и се надевам на негово брзо закрепнување“, објави Маск на X, социјалната мрежа, којашто откако тој стана нејзин сопственик, ги укина ограничувањата за републиканецот наметнати од претходните сопственици кои кокетираа со демократите.
САД се соочуваат со најголем и најдолг пораст на политичкото насилство од 1970-те. Бред Банон, стратег на демократите, рече дека пукањето може да му донесе политички полза на Трамп, бидејќи одговара на неговиот наратив дека земјата е на погрешен пат и станува небезбедна.
„Обидот за атентат создава симпатии за Трамп. Тој, исто така, им ја потврдува на гласачите идејата дека нешто во основа не е во ред во оваа земја, што е идеја што ја поттикнува поддршката за него“, додава Банон.
Хаосот околу кандидатите може да придонесе за чувството дека проблемите во земјата се непоправливи и дека не може да се премостат разликите меѓу партиите, оценува Reuters.
Американскиот конгресмен Стив Скализ, републиканец кој беше ранет во 2017 година, изјави за телевизиската мрежаFox News, блиска на Републиканската партија, дека треба да се запре насилната изборна реторика.
„Потребно е само една личност која е едноставно ненормална да го слушне тоа и да дејствува, мислејќи дека тоа е сигнал да се отстрани некого“, рече Скализ