„Медена земја“ не престана да собира награди од премиерата и триумфот на Санденс во февруари. По низа награди што ги имаат освоено режисерите Тамара Котевска и Љубомир Стефанов и продуцентот Атанас Георгиев, конечно една награда прими и главната протагонистка на „Медена земја“.
Атиџе Муратова, чија тешка животна приказна е во фокусот на филмот, беше со екипата во Њујорк на доделувањето на наградите на Изборот на критиката за документарци во САД, при што Американското здружение на критичари ја прогласи за најпривлечен лик во документарец.
Во исто време, „Медена земја“ беше избран за најдобро дебитантско остварување.
Ова уследи само ден откако филмот беше номиниран за најдобар документарец на Европските филмски награди, што ќе бидат доделени во Берлин на 7 декември.