Атина е вознемирена од зголемениот број провокации на Турција во реонот на Егејското Море, откако турски авиони изминативе денови во неколку наврати биле пресретнувани како вршат извидувачки летови над грчките острови, пишува весникот „Катимерини“, пренесува МИА.
Грчкото Министерство за надворешни работи и наложило на Амбасадата на Грција во Анкара да реахира пред надлежните турски власти поради зачестените инциденти.
Дипломатските извори во Атина ги проценуваат како „неприфатливи“ ваквите активности на турското Воено воздухопловство, кои според нив, ја покажуваат „неподготвеноста на Турција“ да се придржува кон договорите постигнати со ЕУ и НАТО во врска со контролата на миграцискиот прилив во Егејското Море.
Истите извори потенцираат дека ваквото однесување на Турција ја разнишува взаемната доверба, покажува недостатоци во намерата за соработка и создава вознемиреност, наведува „Катимерини“.
Генералштабот за националната одбрана на Грција (ГСЕЕ), исто така е загрижен дека турските авиони биле вооружени и прелетувале над грчките острови Лезбос, Хиос, Лимнос и Инусес.