![ципрас](https://i0.wp.com/netpress.com.mk/wp-content/uploads/2015/06/cipras2.jpg?resize=620%2C372&ssl=1)
Грчкиот премиер Алексис Ципрас денеска изјави дека Атина сака да постигне долгорочен договор со кредиторите, кој ќе ја спаси земјата од економската криза, но се соочува со недоразбирања околу реструктуирање на долгот.
– Важно е да постигнеме договор. Важно е да ставиме крај на овој маѓепсан круг и да не бидеме принудувани да прифаќање договори, кои по шест месеци ќе не вратат во истата состојба, истакна Ципрас по средбата со лидерот на партијата „Потами“, Ставрос Теодоракис.
Тој оцени дека главниот фактор, кој го блокира договорот, е различниот став на кредиторите од ЕУ и од ММФ за реструктуирање на долгот.
– Голема разлика е присуството на ММФ, кој сака мерки и реструктуирање, додека другите бараат мерки без реструктуирање, нагласи грчкиот премиер.
Во меѓувреме, европски извори истакнаа дека постои веројатност да биде одржана вонредна средба на високо ниво кон крајот на неделава, по седницата на европските министри за финансии в четврток во Луксембург, со цел да биде постигнат договор меѓу Грција и меѓународните кредитори.