Атина: Состојбата со пожарот се подобрува, но сè уште не е локализиран

Подобрена е ситуацијата со пожарот во североисточниот дел на областа Атика, поширокиот регион на Атина, меѓутоа сè уште не е локализиран и повеќе жаришта сè уште се активни, јави дописничката на МИА од Атина.

Портпаролот на противпожарната служба на Грција Јанис Артопиос за грчката телевизија „Скај“ рече дека ситуацијата е подобрена, но се прават напори да се опколи пожарот и изрази надеж дека ќе се намали јачината на ветерот.

Тој објасни дека во 4.50 часот утрово во делот каде што беше најголем интензитетот на пожарот, ветерот бил со 113 километри на час, ненадејно ја менувал насоката на огнената стихија и за 10-15 минути, пожарот поминал шест до седум километри.

Со разденувањето одново почнаа да интервенираат и воздушните средства, а во гаснењето на пожарот учествуваат 485 пожарникари, заедно со пожарникарите од Романија кои се во Грција, 28 пешадиски тима, 120 противпожарни возила, пожарникари волонтери и цистерни од општините, а од воздух, периодично пожарот го гасат девет авиони и десет хеликоптери, од кои еден е за координација.

Портпаролот на противпожарната служба на Грција за време на последниот вонреден брифинг за ситуацијата со пожарот потврди дека еден маж се самоуби во неговиот дом што се наоѓа во делот зафатен од пожарот.

При евакуацијата на жителите 30 лица со брза помош биле пренесени во болница, од кои тројца со изгореници, а останатите, меѓу нив и тројца пожарникари, имале проблеми со дишењето или полесни повреди.

Во текот на ноќта преку неколку пораки од бројот за итни случаи 112 беше побарано од жителите на шест населби да се евакуираат, а досега, според портпаролот на противпожарната служба, биле организирани евакуации на граѓани во област со 90.000 жители.

Од почетокот на пожарот беше побарано од жителите на најмалку десет населби да ги напуштат нивните домови.

Доцна синоќа превентивно беа евакуирани и Националната опсерваторија и две детски болници со 35 и 36 деца.

Шумскиот пожар избувна вчера, кратко по 17 часот од планината Пендели и поради силниот ветер се спушти и брзо се прошири кон населените места, заземајќи големи размери со активни жаришта во повеќе населби.

Сè уште не е позната големината на материјалната штета предизвикана од шумскиот пожар, но сигурно е дека има целосно изгорени куќи и возила, но и куќи кои претрпеа материјална штета.