Атлетичарката Гафур осудена на 8,5 години затвор поради транспорт на дроги

Холандската атлетичарка, членка на олимписката штафета, 27-годишната Мадиеа Гафур е осудена на осум и пол години затвор во Германија откако во нејзиниот автомобил е прoнајдена дрога вредна повеќе од два милиона евра.

Гафур во јуни годинава била запрена на граничниот премин во Елтен и во багажникот од нејзиното возило биле откриени 50 килограми екстази, два килограма кристал мет и 11.950 евра во готовинина во готовина, кои полицијата ги запленила.

Атлетичарката, којашто во 2016 година на Олимписките игри во Рио де Жанеиро трчаше во штафетската трка 4 пати по 400 метри за Холандија и освојувачка на броната на Европското првенство во 2011-та за јуниори, пред судот изјавила дека не се чувствува виновна бидејќи мислела дека превезува материјал за допинг.

Холандскиот атлетски сојуз реагирајќи на оваа вест објави дека е шокиран од случајот, и притоа најави дека ќе спроведе истрага за тврдењата на Гафур дека пренесувала допинг, за да се утврди кој може да е вмешан во такви активности.

„Шокирани сме од пресудата“, се наведува во соопштението на сојузот. Покрај пресудата на германскиот суд, Атлетскиот сојуз на Холандија го осудува и однесувањето на Гафур. Сојузот го „осудува секое користење или тргување со допинг или наркотици, и во целост го почитува холандскиот закон против допингот“.

Гафур одбила во текот на истрагата и во судот да открие за кого ја пренесувала дрогата, велејќи дека стравува за безбедноста на своето семејство, пренесува германската новинска агенција DPA.