Атлетико Минеиро прв финалист на Копа Либертадорес

Фудбалерите на бразилски Атлетико Минеиро се првите финалисти на овогодинешниот Копа Либертадорес, јужноамериканската верзија на Лигата на шампионите, откако одиграа 0:0 во реваншот од полуфиналниот дуел на гостувањето кај аргентинскиот претставник Ривер Плата и со тоа ја одбранија предноста од 3:0 стекната на првиот натпревар пред една седмица.

За клубот од Бело Хоризонте ова е втор пласман во финалето на Копа Либертадорес во историјата. Првиот пат ја освоија титулата во 2013 година.

Интересно е тоа што Атлетико Минеиро по точно еден месец од сега ќе се врати во Буенос Аирес, на стадионот „Монументал“ на Ривер, каде на 30 ноември ќе се игра финалето на Копа Либертадорес.

Во финалето, Атлетико Минеиро речиси сигурно ќе игра против другиот бразилски претставник, бидејќи Ботафого има голема предност од 5:0 против уругвајскиот Пенарол по првиот натпревар пред реваншот во Монтевидео. Доколку не се случи чудо, Ботафого првпат во клупската историја ќе се пласира во финалето на Копа Либертадорес.

Тоа би било шести пат во историјата два бразилски клуба да се сретнат во финалето на Копа, а четврти во последните пет години, по 2020, 2021 и 2022 година. Исто така, бразилски клуб речиси сигурно ќе ја освои континенталната титула за шеста последователна година, а воедно ќе биде седми пат во последните осум години. Гремио беше шампион во 2017 година, Фламенго ги освои титулите во 2019 и 2022 година, Палмеирас во 2020 и 2021 година, а Флуминенсе во 2023 година.