Атлетико освои три бода во неверојатен меч (ВИДЕО)

Играчите на Диего Симеоне им приредија нова фудбалска драма на фановите на Атлетико Мадрид на „Ванда Метрополитано“, а интересно и втората беше со среќен крај за „душекџиите“ кои го победија Хетафе со 4:3.

По победата од 3:2 над Валенсија со два гола во судиското надополнување, вечерва на „Ванда“ во финишот падна и младиот градски ривал Хетафе, кој не издржа и покрај тоа што имаше играч повеќе во последните 30 минути.

Првото полувреме изобилуваше со луд фудбал и отворена игра на двете страни, што придонесе да видиме три пенали и шест голови, по три на двете страни.

Кореа и Унал постигнаа по два гола за Атлетико и Хетафе, Куња и Мајорал беа стрелци на останатите два погодоци во првиот дел, во кој Луис Суарез не реализираше пенал при резултат 0:0.

Френетичните први 45 минути не добија исто продолжение во вториот дел, бидејќи двата тима се одлучија за доста попретпазлива игра, која донесе и еден хорор старт во 58-та минута. Фелипе заработи директен црвен картон поради еден УФЦ старт кој го исплаши противничкиот тренер Кике Санчес Флорес, а најдобра вест беше тоа што Арамбари не заработи посериозна повреда и го доигра мечот.

По црвениот картон на Фелипе, Симеоне во игра го стави Ермосо, а токму стоперот одново беше херој за Атлетико со победнички гол во 89-та минута. Ермосо го постигна голот за 3:2 против Валенсија, па во јунак се претвори и вечерва против Хетафе.