Реал Мадрид преноќи на врвот во Примера по вчерашната победа кај Кадиз, но денеска Атлетико Мадрид одново се врати на местото кое го држи од стартот на сезоната, а кое засега не планира да го отстапи и покрај тоа што главните ривали сериозно се приближија и играат во подобра форма.
Тимот на Диего Симене се најде под сериозен притисок по серијата променливи резултати, но сега после долго време врза две победи, па по триумфот над Еибар од 5:0 изминатиов викенд, вечерва лесно славеше против Уеска.
Атлетико беше далеку подобар и поконректен тим и дозволи само еден директен шут во голот на Облак, па токму поради тоа не чуди фактот што домаќините прокнижија три бода, иако не беше лесно да се пробие бедемот на гостите.
Анхел Кореа со одлично движење се ослободи од противникот и си создаде простор за шут и погоди за 1:0 во првото полувреме, а потоа се чекаше до самата завршница за да го видиме вториот гол.
Една грешка во одбраната на гостите ја искористи Љоренте, по што несебично додаде до Караско кој ги постави конечни 2:0 во 81-та минута.