Во натпреварот од првото коло од Црвената група на финалето на АТП во Торино, Русинот Даниил Медведев го победи сонародникот Андреј Рубљев со 6-4, 6-2.
Блиските пријатели ја почестија публиката во Торино со одличен натпревар со многу надигрување. Тоа беше деветта средба меѓу нив и седма победа на третиот тенисер во светот, а трета годинава.
Клучен момент од првиот сет беше седмиот гем во кој Медведев направи брејк. Рубљев можеше веднаш да се врати, во следниот гем имаше три брејк топки но не ги искористи. Петтиот тенисер во светот имаше нова шанса во десеттиот гем кога пропушти четири брејк топки, од кои две врзани.
Медведев направи нов брејк на самиот почеток од вториот сет, а потоа при 3-1 уште еднаш му го одзеде сервисот на противникот и мирно го приведе мечот до крај.
Во првиот меч од оваа група германскиот тенисер Александар Зверев го совлада Шпанецот Карлос Алкараз со 6-7 (3), 6-3, 6-4. Германецот со руско потекло со пресврт го совлада вториот тенисер во светот и дојде до предност од 4-3 во меѓусебните мечеви.
Зверев го отвори мечот со предност од 3-1, која ја прокоцка во продолжението од првиот сет, а Алкараз потоа го доби тај-брејкот од првиот сет. Зверев повторно тргна подобро во вториот сет. Поведе со 3-0, но потоа не ја испушти предноста.
Во третиот сет направи клучен брејк на 2-2 и го приведе мечот кон крај во своја корист. При 4-5, Алкараз имаше една брејк топка за 5-5, но Германецот потоа нанижа три одлични први сервиси.
Во неделата, во Зелената група, првите победи на турнирот ги остварија Италијанецот Јаник Синер против Стефанос Циципас и Србинот Новак Ѓоковиќ против Данецот Холгер Руне.
Вторник носи средба од 2. коло на Зелената група, а се среќаваат Циципас – Руне и Ѓоковиќ – Синер.