Италијанскиот тенисер Јаник Синер и Шпанецот Карлос Алкараз, првиот и вториот носител на земјениот АТП Мастерс 1000 турнир во Мадрид, со голема тешкотија ги минаа своите пречки во осминафиналето.
Во репризата на минатогодишното финале Алкараз исто како и во 2023 година во три сета го совлада Германецот Јан-Ленард Штруф. Овојпат во крајно драматичен натпревар со 6-3, 6-7(5), 7-6(4) по речиси три часа игра.
Се чинеше дека Алкараз имаше чист пат до победата во два сета, бидејќи водеше со 6-3, 2-0. Потоа Штруф се разбуди, го врати брејк заостанувањето и подобро го одигра остатокот од вториот дел кој го доби во тај-брејкот. Во третиот сет повторно Алкараз беше тој кој секогаш беше чекор понапред и водеше со 5-2. При 5-3, Шпанецот имаше четири меч топки, од кои три беа врзани за неговиот сервис, но сите ги пропушти со необјасниви потези.
Алкараз беше доведен на работ на пораз бидејќи при 5-5 Штруф имаше брејк-топка, но таа остана неискористена и одлуката падна во тај-брејк. Во него Алкараз најпрвин поведе со 3-0, а потоа Штруф освои четири поени во низа за 4-3, за Шпанецот да заврши сѐ со четири поени во низа и конечна победа. Во четвртфиналето Алкараз ќе игра против Русинот Андреј Рубљев, кој лесно го совлада Холанѓанецот Грикспур со 6-2, 6-4.
Синер го победи Русинот Карен Хачанов по пресвртот со 5-7, 6-3, 6-3. Синер почна да го прави пресвртот на почетокот од вториот сет кој го отвори со 3-0. Италијанецот доминираше до крајот и обезбеди четвртфинален меч каде го чека подобриот од дуелот меѓу Норвежанецот Каспер Руд и Канаѓанецот Феликс Огер-Алиасиме.
Лесни беше елиминиран од турнирот германскиот тенисер со руско потекло Александар Зверев, четвртиот носител, од од Аргентинецот Франциско Черундоло со 6-3, 6-4. Во следното коло Аргентинецот ќе игра против Американецот Тејлор Фриц, кој во осминафиналето беше подобар од Полјакот Хуберт Хуркач со 7-6(2), 6-4.