Семеството Сопрано е возбудлива приказна за мафијашко семејство од Њу Џерси која стана една од најгледаните телевизиски серии на сите времиња. Но, колку гледачи знаат дека авторот на мелодијата со потпис на серијата е всушност човек од долините на Јужен Велс?
И додека американскиот хит оваа година слави 25-годишнина, тој запрепасти со своето признание. Лери Лав вели дека никогаш не гледал ниту една од 86-те епизоди, јавува BBC.
„Не, бев премногу исплашен тоа да го гледам да бидам искрен“, рече Лав, фронтменот на бендот Alabamа 3, чијашто песна од 1997 година „Woke Up This Morning“ стана воведна шпица на серијата.
„Не поради ништо во самата серија, повеќе поради фактот што мразам да ги слушам моите плочи. Премногу сум перфекционист и секогаш на крајот мислам: ‘Ох, требаше да го направам тој дел поинаку’“, појаснува Лав.
Но, како музичарот од Мертир Тидфил заврши во врска со Тони Сопрано и неговите орди?
„Оригинално ја работевме ‘Wake Up’ како 10-минутна ејсид-хаус песна со сите овие блуз семплови“, рече Лав, чие вистинско име е Роб Спраг.„Нашата дискографска куќа одлучи да го објави како сингл, но навистина не направи многу – мислам дека стигна само на 60-то место на топ листите или нешто слично“, додаде.
Меѓутоа, песната која е инспирирана од вистински случај на жртва на семејно злоставување која го убила својот сопруг, некако стигнала до ушите на писателот на Сопранови, Дејвид Чејс. Мислел дека стиховите – „Се разбудив утрово, набави пиштол/ Мама секогаш велеше дека ти ќе бидеш избраниот“ – беа совршени за динамиката меѓу Тони Сопрано и неговата мајка.
„Смешно е што Дејвид првично мислеше дека сме еден куп црни деца од Бронкс, наспроти некој Велшанец кој се преправа дека е Американец. А кога ја дозна вистината, му се допадна, велејќи дека тоа е толку глупаво што некако има совршена смисла“, се шегуваше Лав.
Првично биле понудени 500 долари за песната, а последователните хонорари од нејзиното користење им овозможијла на пејачот Брикстон и неговите колеги од бендот да продолжат понатаму.
Сега, 59-годишниот Лав со нетрпение ги очекува настапите во живо низ Обединетото Кралство подоцна оваа година и ќе објави „извртен, не необичен ремикс“ на „Woke Up This Morning“ за да се совпадне со датумите.