Спортската академија почнува потрага по спортски таленти од земјава кои ќе бидат дел од ДСУ Спортска академија во паралелки за фудбал, ракомет, кошарка и тенис од учебната 2023/2024 година. Покрај во Скопје, предвидени се паралелки во состав на јавните средни училишта уште во девет општини.
Во СОУ „Кузман Шапкарев” – Битола ќе има паралелки за фудбал и ракомет, во „Перо Наков“ – Куманово и во „Ѓорче Петров“ – Кавадарци – за кошарка, паралалеки за фудбал ќе бидат отворени во „Ванчо Питошевски“ – Охрид, „Мирче Ацев“ – Прилеп, „Никола Карев” – Струмица, „Кирил Пејчиновиќ“ – Тетово, „Кочо Рацин“ – Велес, „Гостивар“ – Гостивар и „Коле Нехтенин” – Штип.
Учениците ќе бидат селектирани во фази: скаутирање од стручни лица, селекција од стручен тим и тестирање на психофизичките способности од страна на стручна комисија.
На учениците кои ќе бидат примени, а кои не се од регионот каде што ќе ја посетуваат наставата, ќе им биде обезбедено сместување и храна, а превоз до училиштето и до спортските терени ќе биде обезбеден за сите ученици, во согласност со закон.
Во јавниот повик достапен на веб-страницата на МОН е објвена листата на локации и датуми на кои ќе се спроведе првичната селекција од конкретната спортска федерација.
Целта на Спортската академија, посочува МОН во повикот, е учениците – спортски таленти да се оспособат да постигнуваат врвни спортски резултати и да се подготвуваат од рана возраст да станат членови на националните спортски селекции за фудбал, ракомет, кошарка и тенис.
– Учениците ќе бидат подложени на посебна, специјално за оваа намена, креирана програма за образование и тренинг. За работа со учениците ќе бидат ангажирани стручни тимови составени од тренер и негов заменик и физиотерапевт. Кандидатите за упис во прва година средно училиште ќе бидат селектирани од стручна комисија, е наведено во објавениот повик на МОН.