Талибанците им забранија на жените да користат спортски сали во Авганистан, изјави официјален претставник во четвртокот, во најновиот декрет на религиозната група за кршење на правата и слободите на жените откако ја презедоа власта пред повеќе од една година.
Откако во август минатата година Талибанцiте ја презедоа власта, им забранија девојчињата да посетуваат средни училишта, и покрај претходното ветување, ги ограничија жените во повеќе области на вработување и им наредија да носат хиџаб. Портпаролот на Министерството за доблест и порок рече дека забраната е наметната затоа што луѓето ги игнорираат наредбите за родова сегрегација и жените не носат задолжителен хиџаб или шамија.
Забраната за жените да користат спортски сали и паркови стапи на сила оваа недела, пренесува АП.
Мохамед Акеф Мохаџер, портпаролот на Министерството за порок и доблест назначен од Талибанците, рече дека групата „дала се од себе“ во изминатите 15 месеци за да избегне затворање паркови и спортски сали за жените, наредувајќи одделни денови во неделата за мажи и жени за пристап до салата или наметнување родова сегрегација.
– Но, за жал, наредбите не се почитуваа и правилата беа прекршени, па моравме да ги затвориме парковите и спортските сали за жени – изјави Махер.
Тој додаде дека во повеќето случаи виделе мажи и жени заедно во парковите и дека не се носи хиџаб.
– Затоа моравме да донесеме друга одлука и засега наредивме сите паркови и спортски сали да бидат затворени за жените – рече тој.
Тој додаде дека талибанските тимови ќе проверат дали жените сè уште ги користат овие места и покрај забраната.