Авганистанците кои добија азил во Германија одат на одмор во татковината

Германските политичари повикаа на итно губење на статусот на барателите на азил, откако медиумите објавија дека Авганистанците кои поднеле барање за азил во Германија поради прогон во нивната татковина, редовно патуваат во Авганистан – на одмор.

„Германија мора да остане отворена земја, но не и глупава. Властите мора да гарантираат дека луѓето кои бараат помош од нас, но во исто време одат на одмор во нивната земја на потекло, ќе го изгубат статусот на азил и ќе ја напуштат Германија за кратко време“, изјави во разговор за дневниот весник Bild комесарот на сојузната влада за миграција Јоаким Штамп од Либерално-демократската партија (FDP).

Вели и дека германската влада „се обидува да воведе ред во миграцијата“ и дека таквите вести се „контрапродуктивни“.

Штамп ги повикасојузните покраини и градовите, чија јурисдикција е обработката на барањата за азил, „заеднички да работат со сите сили“ за откривање на такви случаи.

Пред неколку дена телевизиската станица RTL објави извештај за патувањата на Авганистанците, кои поднеле барање за азил во Германија поради наводен прогон во нивната земја на потекло, а кои редовно патуваат во Авганистан преку Иран. Според таа репортажа, на границата на патниците не им се става печат во самиот пасош, туку на посебен лист хартија што се отстранува по пристигнувањето во Германија за да се сокрие од каде навистина доаѓа лицето.

Патувањата ги организира туристичка агенција во Хамбург. Портпаролката на канцеларијата за миграција на градот-сојузна покраина Хамбург изјави дека „патувањето во земјата на наводниот прогон самото посебе го исклучува азилот во Германија“.

Неодамна, сè повеќе политичари јавно се изјаснија за протерување на странците, дури и во земји како Сирија и Авганистан. Ова особено се однесува на оние со криминално досие. Дискусијата ја отвори самиот канцелар Олаф Шолц од владејачката Социјалдемократска партија на Германија (SPD) откако Авганистанец во напад со нож во јули уби полицаец. Канцеларот тогаш најави „протерувања во голем обем“ во земји како Сирија и Авганистан.