Авганистанските Талибанци избраа нов водач

Ахтар Мохамед Менсур, заменик на Мула Омар, е новиот лидер на авганистанските Талибанци, објави новинската агенција „Ројтерс“, пренесува Нетпрес.

Новината за првиот човек на авганистанските Талибанци ја соопштиле двајца талибански командири, кои биле на заседанието на високи претставници на авганистанското талибанско движење, на кое и бил назначен новиот лидер.

Советот на Талибанци – Шура, заседавал во околината на пакистанскиот град Квета. Ахтар Мохамед Менсур, или сега Мула Менсур, бил избран едногласно за нов емир на авганистанските Талибанци, рекол еден од командирите.

Заседавањето на Советот на Талибанци било во ноќта во средата, а наскоро, според зборовите на еден од командирите, ќе биде објавено и официјално соопштение.

Авганистанските Талибанци добија нов водач
Авганистанските Талибанци добија нов водач

Вчера, пак, авганистанските властите во Авганистан објавија дека првиот човек на авганистанските Талибанци, Мула Омар, умрел пред околу две години. Според една верзија тој починал од болест во Карачи, а според друга убиен е во воена акција.

Вториот круг од мировните преговори меѓу властите во Кабул и авганистанските Талибанци, е одложен поради неофицијалните информации за смртта на Мула Омар, информираше со соопштение до јавноста министерството за надворешни работи на Пакистан.

Инаку, тој втор круг од мировните преговори беше планиран да се одржи претстојниов викенд во Пакистан.