Авиокомпаниите лани за првпат остварија зголемен профит во споредба со 2019

Профитите на авиокомпаниите ширум светот во минатата годинав ги надминаа нивоата пред пандемијата поради повисоките цени на билетите, објави Меѓународната асоцијација за воздушен транспорт (IATA).

Зголемените цени на билетите им помогнаа на авиокомпаниите да го зголемат профитот за првпат откако пандемската криза го запре воздушниот сообраќај во 2020 година, соопшти асоцијацијата.

Авиокомпаниите остварија профит од 27,4 милијарди долари минатата година, милијарда долари повеќе отколку во 2019 година, објави IATA на генералното собрание во Дубаи.

За годинава се предвидува раст на профитот, со проценка дека би можел да надмине 30 милијарди долари. Половина од тој глобален профит годинава ќе го генерираат превозниците во Северна Америка, кои треба да инкасираат 14,8 милијарди долари, исто како и минатата година. Европските превозници треба да го зголемат својот профит од минатогодишните 8,6 милијарди на 9 милијарди долари, проценува IATA.