Авионот на Ненси Пелоси го урна рекордот на Flightradar24

Летот со кој претседателката на Претставничкиот дом на американскиот Конгрес, Ненси Пелоси, во вторникот вечерта допатува на Тајван бил најследениот во историјата на Flightradar24, соопшти оваа веб-страница за следење на летовите.

„Во моментот кога слета во Тајпеј (летот) SPAR19 го следеа повеќе од 708.000 луѓе во светот, што го прави лет кој е најследен во реално време во историјата на Flightradar24“, се наведува во соопштението на ресурсот.

По полетувањето од Куала Лумпур, воениот авион „Boeing C-40-C“ со кој патуваше Пелоси го следеле повеќе од 200.000 лица во текот на летот над Индонезија и таа бројка „растеше како авионот се приближуваше на Тајван“, објавија од Flightradar24.

Пелоси во вторникот допатува на Тајван и покрај острото предупредување на Кина, поради оваа прва по 25 години посета на еден од највисоките американски функционери на островот, практика до која Вашингтон се придржуваше според договорите со Пекинг.

„Посетата на нашата парламентарна делегација на Тајван ја потврди безусловната поддршка на САД на живата тајванска демократија“, објави во писмена изјава Пелоси по слетувањето во Тајпеј.

Кинеското министерство за надворешни работи го осуди „сериозното непочитување“ на американските обврски кон Кина кои ги „нарушуваат мирот и стабилноста“ во регионот.