Со помош на новата метода – авионско засејување на облаците вчера повторно беше спречена појава на град во повеќе региони во државата.
Управата за хидрометеоролошки работи (УХМР) активно ги пратеше облачностa и движењето на градоносните облаци преку радарските центри Тополчани и Ѓуриште и интервенираше во загрозените подрачја. Со брзата и прецизна интервенција, во повеќе региони е спречена појава на град и е заштитено земјоделското производство, соопшти министерот за земјоделство, Трајан Димковски.
Димковски, кој заедно со директорот на УХМР Ивица Тодоровски го посети радарскиот центар Ѓуриште, истакна дека во сите региони кадешто е делувано изминатиов период, интервенциите со оваа нова метода, се успешни.
– По авионското засејување градоносните облаци преминале во појава на дожд. Оваа нова метода за заштита од временски непогоди (град), годинава почна да се применува првпат и ќе се спроведува на целата територија на нашата држава. Со овој модерен систем на заштита од град ќе се придонесе за заштита на земјоделското производство од временски непогоди и намалување на сумата што изминатите години се издвојува за исплата на обесштетувања – рече Димковски.
Директорот Тодоровски посочи дека вчера нестабилност прво имало во Битолскиот регион, каде било извршило авионско засејување. Истовремено се дејствувало и во Гевгелискиот и во Неготионскиот регион.
– Потоа се продлжи со дејствување во Кичевскиот регион, Македонски Брод, Кратово, Свети Николе, Велес. Според информациите од нашите радарски центри, секаде во рамничарските делови е спречена појава на град – изјави Тодоровски.
Димковски и Тодоровски беа придружувани од градоначалникот на Свети Николе, Сашо Велковски.
Радарскиот систем за детектирање и следење облачни маси, кој долги години не работеше, од пред две години е поправен и надграден. Инсталирани се нови автоматски современи радарски контролни и мониторинг единици за управување. Инсталирана е и новата верзија на софтверскот пакет, а извршена е и целосна калибрација. Надградениот радарски систем овозможи навремена прогноза на појавата на нестабилната воздушна маса која во текот на вчерашниот ден ја зафати територијата на нашата држава и која постепено се поместуваше од југо-запад кон северо-исток