Авиотранспортот во земјава регистрира двоцифрена стапка на раст. Ако лани беше рекордна година со превезени 1.560.381 патник, што претставуваше зголемување од 22 процента во однос на бројот на патници и од 11 проценти во однос на вкупниот број на операции (15.510), во првите четири месеци од годинава растот забрза, пишува во анализата Лидер.мк
Статистиката на операторот „ТАВ Македонија“ покажува дека во периодот од јануари до април се превезени 486 илјади 968 патници, што претставува пораст од 28 проценти во однос на истиот период од 2015-та година, со зголемување на бројот на операции, односно на полетувањата и слетувањата за 15 проценти.
-Ако во 2010-та имавме само 729.297 патници на двата аеродрома, споредбата со вкупниот број патници лани од 1.560.381, покажува дека за шест години бројот на патници се зголемил повеќе од двојно, вели првиот човек на „ТАВ Македонија“, Зоран Крстевски.
Охридскиот аеродром „Св. Апостол Павле“ е еден од најбрзорастечките во Европа кога се во прашање малите аеродроми, а скопскиот „Александар Велики“ полека прераснува во регионален центар.
-Ние сме постојано во трка за привлекување нови авиокомпании и зголемување на бројот на линии, бидејќи сакаме да ја постигнеме нашата долгорочна визија, а тоа е „Александар Велики“ да стане регионален центар во авиосообраќајот на Балканот, што ќе ги поврзува не само македонските, туку и патниците од целиот регион со Европа и со светот, вели Алпер Ерсој, заменик – генерален директор за операции на „ТАВ Македонија“.
Политиките за привлекување нови компании кои оперираат од и до македонските авиопристаништа, зголемениот број дестинации, евтините билети, субвенциите, инвестициите во инфраструктура комплетно ја променија сликата за македонските аеродроми.
-Аеродромската инфраструктура е еден од начините како да се привлечат повеќе туристи. Факт е дека по изградбата на аеродромот во Скопје и реновирањето на аеродромот во Охрид, во Македонија има многу поголем број туристи. Ова е показател дека вложувањето во туристичката инфраструктура е неопходен услов за зголемување на бројот на туристи во земјава, а Владата помогна и со субвенционирањето на тур-операторите, со евтините билети, со изградба на нови туристички и културни капацитети, оценува вицепремиерот Зоран Ставрески.
Охридскиот аеродром меѓу најбрзорастечките во Европа
Охридскиот аеродром „Св.Апостол Павле“ е втор најбрзорастечки аеродром во Европа во првите три месеци од годинава, во категоријата под пет милиони патници годишно, соопшти Меѓународeн совет на аеродроми за европскиот регион. Растот во првиот квартал изнесува фантастични 173,9%.
„Значителниот пораст од 173,9% на бројот на патници на „Св. Апостол Павле’’ во првиот квартал, измерен од страна на ACI, надвор од туристичката сезона во Охрид, се должи пред се на воведените нови линии минатата година од охридскиот аеродром за Базел, Цирих и Лондон. Очекуваме порастот да продолжи до крајот на годината, со оглед на постоечките чартер-летови во главната туристичка сезона, каде што најбројни се патниците од Холандија, но и на новата директна редовна линија Охрид-Белград, која во јуни ќе ја воведеме заедно со авиокомпанијата Ер Србија, како и новите чартер-летови – Охрид-Тел Авив со израелската авиокомпанија Аркиа и Охрид-Брисел, со најголемиот европски тур-оператор Томас Кук, кои исто така ќе почнат следниот месец“ – вели Крстевски.
Чартер – летови за повеќе туристи
Чартер-летовите на релација Амстердам-Охрид-Амстердам веќе почнаа и ќе траат до седми октомври. На почетокот, „Корендон“ лета двапати неделно до Охрид, во вторник и во петок, а во екот на сезоната (јули и август) ќе се додаде уште по еден лет. Според пресметките, летово преку „Корендон“, и „Аркефлај“ во Охрид се очекува да пристигнат над 25 илјади Холанѓани.
Целата анализа прочитајте ја на ЛИДЕР