АВМУ: Беса настапува со СДСМ и може да се рекламира само во минутажата за таа коалиција

Агенцијата за аудио и аудиовизуелни услуги (АВМУ) излезе со одговор на обвинувањата од СДСМ во однос на распределбата на минутите за рекламирање откако социјалдемократите реагираа дека во однос на минутажата Беса е оштетена на сметка на ВМРО-ДПМНЕ.

„Движењето Беса, според листите на кандидати потврдени од Државната изборна комисија е дел од коалицијата ‘Можеме’ и според тоа може да добие минути за платено политичко рекламирање исклучиво во рамките на минутите доделени за оваа коалиција“, велат од АВМУ.

Нацрт-верзијата, нагласуваат оттаму, била готова пред 4 месеци и имало јавна расправа, а ниту СДСМ ниту Беса не испратиле какви било забелешки. Упатството за политичкото рекламирање, велат, беше усвоено едногласно од сите членови на АВМУ.

„Инаку, распределбата на времето за платено политичко рекламирање во сегашното Упатство е направена на потполно идентичен начин како и за Претседателските избори 2019 година, имајќи предвид дека важи истата одредба од Изборниот законик. Во тој изборен циклус, кандидатот за претседател поддржан од СДСМ и коалицијата Стево Пендаровски доби 4 минути, односно двојно повеќе време од кандидатите поддржани од опозицијата Гордана Силјановска и Блерим Река кои имаа по две минути. Тогаш, СДСМ немаше никакви забелешки или реакции во однос на распределените минути, а сега, иако е применета истата логика, изнесува неосновани обвинувања за Агенцијата, водејќи се од тесни партиски интереси“, додаваат од Агенцијата.

Тие им порачуваат на политичките партии дека наместо вградување на свои решенија, креирањето на изборната легислатива во иднина да им го остават на професионалци.

СДСМ претходно ја обвини АВМУ дека работи во корист на ВМРО-ДПМНЕ.

„Ставајќи се целосно во партиска служба, директорот на Агенцијата назначен од ВМРО ДПМНЕ, Зоран Трајчески, не го почитува законот и известувањето на ДИК за распределба на медиумски простор за двете најголеми опозициски партии. Иако во описот се вели дека 6 минути им припаѓаат на двете најголеми опозициски партии, кои на последните избори за пратеници имаат освоено повеќе гласови, АВМУ им наредува на медиумите да ги распределат сите 6 минути единствено на ВМРО ДПМНЕ. Во ваков случај на движењето Беса кое во коалиција со СДСМ му се нанесува штета“, рече портпаролката на СДСМ, Богданка Кузеска.