Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги денес го одржа вториот јавен состанок за оваа година, на кој беше промовирано Истражувањето на медиумската писменост кај учениците во прва и втора година средно образование, достапно на македонски, англиски и албански јазик.
Целта на истражувањето беше да се направи таргетирана процена на состојбата кај младите во оваа област, поточно да се истражат мислењата, навиките и перцепцијата на учениците со фокус на нивната способност за разбирање на медиумските пораки кои секојдневно се пренесуваат преку различни медиуми и канали за информирање.
Како што истакна директорот д-р Зоран Трајчевски, со ова истражување АВМУ обезбедува релевантни податоци кои можат да бидат користени во сите наредни реформски зафати, зашто е направено врз репрезентативен примерок од сите ученици кои минатата учебна година беа запишани во прва и втора година средно образование во гимназиите и во стручните училишта. Освен што дава генерални податоци за средношколците од првите две години, истражувањето, таму каде што постојат специфичности, дава и поединечни податоци за гимназијалците и за учениците во стручните училишта, како и заклучоци и препораки.
За значењето на истражувањето говореше и Дејан Докузовски од проектот на УСАИД за медиумска писменост „Младите размислуваат“ спроведуван од ИРЕКС, Македонскиот институт за медиуми, Институтот за комуникациски студии и Младинскиот образовен форум, кој посочи дека очекува медиумската писменост да стане дел од средното образование во земјава.
Истражувањето е спроведено врз 884 испитаници од 40 средни училишта во 19 општини, и во него меѓу другото се детално анализирани користењето и употребата на електронската опрема од страна на учениците, препознавањето содржини и критичкото размислување за информациите добиени преку телевизија и интернет, најчесто користените социјални мрежи, истакна Софија Ристова, од Агенцијата Рејтинг која за потребите на АВМУ го изработи истражувањето.
Во вториот дел од состанокот, директорот д-р Зоран Трајчевски направи пресек на реализираните активности согласно Годишната програма за работа во изминатите три месеци.
Присутните имаа можност да слушнат за активностите поврзани со спроведените надзори врз радиодифузерите, операторите на јавни електронски комуникациски мрежи, издавачите на печатени медиуми, давателите на АВМУ по барање, изречените мерки јавна опомена, активностите на полето на меѓународната соработка, изработените анализи и истражувања.