Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги го осудува, како што наведува во соопштение, некоректниот однос на премиерот Ковачевски и на вицепремиерот за економски прашања Фатмир Битиќи, кон новинарот Матеја Петровски од ТВ Алфа.
„Медиумите се еден од клучните столбови на демократијата и имаат важна улога во креирањето на критичкото мислење и известувањето за прашања што се од јавен интерес. Оттаму, не смее да постои начин на комуникација кој е несоодветен и навредлив кон новинарите, а со тоа и кон целата јавност на која треба да ѝ бидат пренесени информациите“, наведува АВМУ.
Регулаторното тело дополнува дека носителите на јавна функција треба да вложат максимални напори да дадат одговори на сите новинарски прашања кои се од интерес на јавноста и истовремено да покажат почит кон новинарската професија и достоинството на медиумските работници.