Во врска со јавно искажаните реакции дека во дневно-информативните изданија на националната телевизија ТВ Телма отсуствуваат информации за активностите и ставовите на најголемата опозициска партија за актуелни општествено-политички прашања, Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги (АВМУ) во понеделникот во соопштение за јавноста истакнува дека еден од основните програмски принципи на кои се темелат програмите на радиодифузерите е “објективно и непристрасно прикажување на настаните“ со еднаков третман на различните гледишта и мислења и “овозможување на слободно оформување на мислењето“ на публиката за одделни настани и прашања.
„Медиумите се самостојни и независни при креирањето на уредувачката политика, но политичкиот плурализам е витален за развој и зачувување на демократските општества. Токму затоа медиумите мора да бидат свесни за својата улога и одговорност во креирањето на јавното мислење, односно обврската кон јавноста програмите да бидат отворени за различни политички гледишта“, се наведува во реакцијата на АВМУ.
Реакцијата на асоцијацијата доаѓа откако извесен период ВМРО-ДПМНЕ ја информирше јавноста дека нејзините активности во споменатата телевизија се подолг период цензирусани, а како најбрутален пример го наведоа откажувањето на договореното интервју со партискиот челник Христијан Мицкоски.
Според опозициската партија, се претпоставува дека ваквото однесување на уредништвото на ТВ Телма потекнува од тоа што целосен сопственик на телевизијата е енергетската компанија „Макпетрол“ којашто договара гасововот ГАМА во кој има 50-процентен удел а е проценет вкупно на 36 милиони евра, да го наплати на владата на Зоран Заев за дури 32 милиони евра.
„Ги поттикнуваме и другите медиуми кои се под жесток притисок да известуваат демократски и ги охрабруваме да останат на страната на принципите, стандардите и демократијата, да издржат бидејќи не за толку долго работите ќе се променат кон поголема демократија и слобода, велат од партијата.