Јавниот долг е како бунар без дно, вели во интервју за Курир дополнителната заменик-министерка за финансии, Елена Петрова.
-Македонија има катастрофално ниска стапка на економски раст во 2023-та година, само 1%, најниска од сите земји во Западен Балкан. За жал тоа не е само оваа година, во сите минати години Македонија заврши со анјниска стапка на економски раст во регионот. На што се должи ваквата ситуација? Економските политики и мерки и јавните трошења во сите овие години беа лоши, несоодветни и не поттикнаа економски раст. Во поглед на јавните трошења, алокациите на средства од буџетот и користење на средства од задолжувањето, треба да бидат насочени кон структурни развојни реформи за да можат да го поддржат економскиот раст, рече таа.
Петрова истакна дека нема реализација на јавни капитални инвестиции.
-Во 2016-та година, оваа политичка Влада ја почна со јавен долг од 4,7 милијарди евра, а на крајот на 2023-тата јавниот долг изнесуваше 8,5 милијарди евра.Ако го додадеме новиот буџетски дефицит од 350 милиони евра, од почетокот на оваа 2024-та година, значи порастот на јавниот долг во последниве 7 години е над 4 милијарди евра. За што се потрошени тие пари? Овие 4 милијарди евра задолжување на македонските граѓани и идните генерации, и вкупно потрошените средства, ние не можеме да видиме како граѓани со голо око за што се потрошени тие пари. Немаме никаква нова инфраструктура, транспортна, железничка, немаме нови здравствени капацитети, немаме некои вложувања во опрема и други инвестиции кои ќе значат подобро да се справуваме со загадувањето или климатските промени… Немаме ништо што е видливо со голо око, рече таа.
Петрова посочи дека и во минатото во Македонија имало задолжувања и јавен долг, но граѓаните знаеле на што се трошат парите.
-За споредба, јавниот долг во периодот на претходната Влада на ВМРО-ДПМНЕ, во периодот од 2007-2016, значи за девет години се зголемил за 3,1 милијарда евра. Но, во тој период имаше инвестиции и граѓаните почувствуваа промена на животниот стандард, рече таа.
Дополнителната заменик-министерка посочи дека во овој период нема ништо и затоа се отвора прашањето: „Каде се потрошија јавните пари во овие седум години“?
Целото интервју со Петрова погледнете го во продолжение: