Јавно обраќање на граѓаните на Бардовци до шефот на делегацијата на ЕУ, до Пендаровски и до Спасовски

Јавно Ви се обраќаме, за јавно да нè информирате, до каде се ветувањата кои ги дадовте пред нас, претставниците на Граѓаните од Бардовци? Остваривме средби, за кои се надевавме дека нешто ќе придвижат, ќе променат. Се надевавме дека не се само протоколарни средби. И на тие средби долго разговаравме, многу аргументи Ви приложивме. И добивме разни ветувања. Но, за жал немаме никакви информации за тоа кога ќе биде стопирана изградбата и дислоциран Прифатниот центар за странци кој се гради до нашите семејни домови!

Господине Претседател, ветивте дека со сите сили ќе се заложите! До каде се заложбите, до каде е работата? Не гледаме багери кои тргнале да ги урнат темелите на Центарот. Секако, такво нешто конкретно не ветивте, но ние се надевавме, најискрено! Ве молиме јавно да нè информирате, што за нас направи високата државна политика.

Господине Гир, дали има потреба од дополнителни материјали, дали не ја отсликавме реално состојбата, дали се заангажиравте за нашиот случај, или и на ЕУ единствено ѝ е важно да се изгради Центарот кој го плаќа, без разлика што 1700 граѓани го потпишаа своето незадоволство?!

Господине Спасовски, не видовме точка на дневниот ред на Влада, видовме дека одлуката за тоа колкумина ќе пиеме по кафеани е побитна од поставувањето на проблемот на граѓаните на Бардовци на дневен ред.

Другите, со кои сме барале средба, или од кои сме барале помош и спас, а кои не нè удостоиле со одговор, ќе се препознаат самите, ним нека ѝм биде на чест!

Почитувани господа, чекаме информации, бараме будење!

Граѓаните на Бардовци