-Јавното обвинителство, постапувајќи по известување на министерот за здравство, има оформено предмет при што отпочнат е процес за да се утврди дали постои кривично дело во случајот со двонеделното неработење на хируршките сали во Клиничкиот центар „Мајка Тереза“ во Скопје, изјави државниот јавен обвинител Љупчо Коцевски во интервју за „360 степени“ на МРТ 1.
Според него, се проверува дали евентуално е сторено кривичното дело диверзија или саботажа.
„Јавното обвинителство постапи по известување на министерот за здравство. Нема поднесено кривична пријава против евентуални пријавени, туку има само известување за она што се случило. Јавното обвинителство оформи предмет со тоа што отпочна процесни дејствија. Има сослушано голем број сведоци, собрано материјални докази, со тоа што постапката се уште е во тек. За јавното обвинителство важно е во конкретниот случај дали евентуално постојат елементи за некакво кривично дело. Тоа би можело евентуално да биде диверзија од член 314 или саботажа од член 315 од Кривичниот закон“,вели јавниот обвинител.
Коцевски вели дека не се отфрла можноста и компресорскиот систем да е застарен.
„Евентуално би можело да се работи за систем којшто е дотраен, имајќи предвид дека, од она што го знаеме – тој е во функција околу 30 години. Важно е дали редовно се сервисирал, дали се вршеле проценки итн. Меѓутоа, тоа е една работа, а за Обвинителството е важно дали може да се работи за овие две кривични дела што ги спомнав, имајќи предвид дека од кривично-правен аспект, за Обвинителството е важно дали во конкретниов случај има место за кривично дело или евентуален сторител“, рече Коцевски.
Тој упати и критика кон министерот Илир Демири кој во интервју за ТВ Телма изрази сомнеж дека целиот случај може да е последица на саботажа.
„Многу е тешко министерот да дава квалификации за евентуално кривично дело, имајќи предвид дека со она со што располагал, секако дека не е доволно однапред да каже за кое кривично дело е можно да се работи. Тоа е работа на Обвинителството, врз основа на доказите и фактите ќе се утврди дали може да стане збор за евентуално кривично дело саботажа или кривично дело диверзија“,рече државниот јавен обвинител.
Љупчо Коцевски е шеф на Јавното обвинителство околу три и пол месеци, откако беше избран од Собранието на 13 февруари годинава.