Аврамопулос ја предупреди БиХ дека може да има проблеми со Европол

Европол: Шверцот на мигранти во Европа „тежи“ неколку милијарди евра

Европскиот комесар за миграции, внатрешни работи и државјанство, Димитрис Аврамопулос ги повика властите во Босна и Херцеговина до крајот на септември да именуваат офицер за врска со Европол, предупредувајќи дека во спротивно земјата би можела да има проблеми со оваа европска полициска агенција.

Во писмото коешто го објави во саботата јавната Босанскохерцеговската радио-телевиија (BHRT), еврокомесарот Димитрис Аврамопулос го предупреди министерот за внатрешни работи на БиХ, Драган Мектиќ, дека властите на земјата се должни да именуваат офицер за врски со Европол, како и одредување на единствена контактна точка една година по стапувањето на сила на Спогодбата за оперативна соработка меѓу Европол и БиХ. Досега тоа не е сторено, поради што еврокомесарот потсетува дека станува збор за кршење на договорот, што може да доведе до проблеми во соработката меѓу агенцијата и западнобалканската земја.

„Тоа, меѓу другото, може да вклучува неможност за испраќање офицер за врски во седиштетот на Европол, како и неможност за распоредување офицер за врски на Европол во Сараево, кое би требало да биде контактна точка“, пишува Аврамопулос.

Еврокомесарот ги повикува властите во БиХ до крајот на септември да именуваат офицер за врски, како и да ја одредат единствената контактна точка за соработка со Европол.

„Тоа би било важен сигнал со кој би се покажала посветеноста на БиХ во решавањето на безбедносните проблеми во регионот“, се наведува во цитираното писмо од еврокомесарот.

Воспоставувањето на единствена контактна точка и именувањето офицер за врски на БиХ, порано го оспоруваа властите во Република Српска кои на почетокот од годинава сепак се согласија со тоа. Меѓутоа, властите во Сараево до денес не го спроведоа овој договор.

Министерот Мектиќ предупреди порано дека поради политички мотивирани опструкции пропаднале плановите за делегирање постојан офицер за встки од оваа семна во седиштето на Европол во Хаг, поради што БиХ е единствената држава на европскиот континент која не е застапена во штабот на полициските сили на Европската унија.