АВРСМ:Со субвенционирање на плати се вработиле 922 лица

Преку мерката Субвенционирање плати што претставува финансиска поддршка за креирање нови работни места, вработени се 922 лица во 717 фирми, а од нив 516 се млади лица до 29 години, соопшти денеска Агенцијата за вработување на Република Северна Македонија АВРСМ.
За вработување на овие лица исплатени се 204.573.000 денари. Мерката субвенционирање на плати е дел од Оперативниот план за активни програми и мерки за вработување и услуги на пазарот на трудот 2019 година – Шанса за сите.
За оваа мерка се издвоени најмалку 228.000.000 денари.
Во тек е потпишување договори помеѓу АВРСМ и работодавачите за вработување на околу 80 нови лица кои ги исполнуваат критериумите за учество.

Мерката Субвенционирање плати овозможува финансиска поддршка од 19.000 денари месечно како субвенција на платата на вработеното лице за период од 3, 6 или 12 месеци, за вработување на лица кои потешко се вклучуваат на пазарот на трудот како: долгорочно невработени лица, млади лица до 29 години, лица постари од 50 години, жртви на семејно насилство, лица со попреченост, родители на деца на улица итн.
Вкупната финансиска поддршка за едно лице за период од три месеци изнесува 57.000 денари, за шест месеци изнесува 114.000 денари и за 12 месеци изнесува 228.000 денари.
Средствата се исплаќаат еднократно за целиот период, по реализацијата на вработувањето со полно работно време.