Австралија ја забрзува набавката на ракети со голем дострел за да се спротивстави на растечката кинеска закана, се вели во историскиot документ подготвен за австралиското министерство за одбрана.
Во документот Австралија е предупредена дека во „ракетната ера“ нејзината географска изолација повеќе не претставува соодветна заштита. Според БЦБ, австралиската влада ќе потроши околу 12 милијарди американски долари за спроведување на препораките од документот.
Студијата од 110 страници наречена Стратегиски преглед на одбраната ги предвидува најголемите промени во одбранбените системи на Австралија од Втората светска војна. Истата е објавена поради зголемените тензии околу ставот на Кина кон Тајван, за кој вели дека ќе го преземе со сила „ако е потребно“.
Покрај тоа, кинеската морнарица воспостави значително присуство во Јужното Кинеско Море и, спротивно на меѓународното право, тврди дека делови од тоа море се кинеска територија.
„Зајакнувањето на кинеската војска во моментов е најголемото и најамбициозното зајакнување од која било војска од крајот на Втората светска војна. Тоа е зајакнување што се врши нетранспарентно и без никакви гаранции за стратешките намери на Кина во Индо-пацификот.“, се вели во документот.
Австралискиот премиер Ентони Албанес рече дека документот „ќе ја обликува иднината наместо да чека иднината да нѐ обликува“, додавајќи дека спроведувањето на препораките ќе ја направи Австралија „поподготвена и побезбедна“.
Министерот за одбрана Ричард Марлс изјави дека документот препорачува да се префрли фокусот од воени бродови на ракетни способности со долг дострел, при што муницијата ќе се произведува во Австралија.
Марлс тврди дека стекнувањето на „ракети способни за прецизни удари“ со дострел од повеќе од 500 километри „ќе ѝ обезбеди на војската ударна моќ и мобилност што ја бараат идните предизвици“.
Австралискиот тинк-тенк за одбрана и безбедност ASPI (Австралиски институт за стратегиска политика) минатата година предупреди дека најлошото сценарио за австралиската војска би вклучило Кина да заземе територија во регионот за време на потенцијална војна за Тајван.
Новата одбранбена стратегија на Австралија има за цел да го задржи „моќниот ривал како Кина што е можно подалеку“, рече др. Малколм Дејвис од ASPI.
Во одбранбениот документ се препорачува забрзана набавка на мобилни повеќецевни ракетни фрлачи од типот HIMARS, чија ефикасност е докажана во одбраната на Украина од руската агресија. Во документот се препорачува и набавка на противбродски ракети со долг дострел кои се истрелуваат од борбени авиони.
Минатиот месец, американскиот Стејт департмент ѝ одобри продажба на 220 крстосувачки ракети на Австралија, со набавна вредност проценета на 895 милиони долари.