Австралија ќе го забрани „рекреативниот вејпинг“

Австралија ќе го забрани таканаречениот „рекреативен вејпинг“, објави во вторникот министерот за здравство Марк Батлер.

Според новите прописи, електронскиот уред за пушење екстракти ќе се продава само во аптеки и ќе иде забранет увозот на овие уреди коишто не ги нарачале аптеките.

Ќе бидат забранети и сите еднократни електронски цигари (е-цигари), и ќе бидат воведени рестрикции на пакувањата, вкусовите и достапните бори, изјави министерот Батлер во Националниот клуб на новинарите на Австралија.

„Нема повеќе вкус на мастика за џвакање, нема веќе розов еднорог или е-цигари преправени како маркери за деца, за да ги сокријат во своите перници. Наместо тоа, ќе имаме обично пакување со едноставни вкусови“, рекол Батлер.

Додал дека пушењето е-цигари е „најголемата дупка во законот во австралиската историја“ и дека Австралија нема да дозволи да бидат поништени придобивките кои ги постигнала со намалување на употребувањето на тутунот со „новата закана по здравјето“.

Батлер рекол дека вејпингот во Австралија станал рекреациски производ, кој главно им се продава на тинејџерите и на младите луѓе за кои постои трипати поголема веројатност дека ќе започнат да пушат.

„Е-цигарите им се продавале на владите и заедниците ширум светот како терапевтски производ кој им помага на долгогодишните пушачи да престанат да пушат. Нема да стоиме настрана и да дозволиме пушењето е-цигари да создаде уште една генерација зависници од никотинот“, рекол австралискиот министер за здравство.

Батлер најавил пакет поддршка за здравствениот систем, вклучително и нова национална програма за справување со ракот на белите дробови. Австралија истовремено ќе го зголеми и данокот на тутунот за 5 отсто годишно во следните три години за да помогне во плаќањето на оваа програма.

„Знаеме дека скапата цигара е најнепривлечната цигара“, заклучил Батлер.