![Boxer Avstralija](https://i0.wp.com/netpress.com.mk/wp-content/uploads/2023/07/Boxer-Avstralija.jpg?resize=696%2C466&ssl=1)
Австралија ќе потпише начелен договор за испорака на повеќе од 100 оклопни борбени транспортери „Boxer“ од австралиско производство на германската војска, изјави премиерот Ентони Албанезе во Берлин.
Германската одбранбена компанија „Rheinmetall“ започна со производство на борбено извидувачко возило „Boxer“ во австралиската сојузна држава Квинсленд во март, според договор за испорака на 211 возила за австралиската војска, со што се отвораат 1.000 работни места во Австралија во текот на една деценија.
Војната во Украина доведе до тоа европските нации да ја обноват својата воена опрема, што резултираше со договор со Австралија за извоз на германска воена технологија назад во Германија.
Албанезе ќе потпише начелен договор со германскиот канцелар Олаф Шолц кога ќе се сретнат за да разговараат за одбраната и трговијата во Берлин во понеделник, изјави австралиски владин претставник.
Албанцизе потоа ќе присуствуваат на самитот на лидерите на НАТО во Литванија во вторник. Австралија беше поканета во НАТО како партнер на Индо-пацифичката четворка, заедно со Јапонија, Јужна Кореја и Нов Зеланд.