Австралија ќе користи апликација за контрола на лицата кои се во карантин

Владата на Австралија тестира нова апликација која ќе користи технологии за препознавање на лица и локации за да се осигура дека заразените со коронавирус се во согласност со правилата за карантин, пренесува Еј-Би-Си њуз.

Според локалните медиуми, апликацијата наречена „Домашен карантин СА“ ќе се користи во Јужна Австралија, за да ги следи оние што биле ставени во карантин поради инфекција со коронавирус.

Сите жители на Јужна Австралија на кои им е пропишан карантин ќе треба да ја преземат апликацијата на својот мобилен телефон. Државата потоа ќе испрати текстуална порака во случајни времиња и лицето ќе треба да докаже дека се наоѓа на локација каде што треба да биде во изолација.

Луѓето во карантин ќе бидат замолени од државата да ја споделат својата локација со властите преку апликацијата, но и да се фотографираат на адресата што ја пријавиле како локација на изолација, во рок од 15 минути кога ќе добијат текстуална порака.

Премиерот на Јужна Австралија, Стивен Маршал, за Еј -Би -Си изјави дека луѓето во карантин нема да знаат кога и колку често ќе примаат вакви пораки, додавајќи дека ќе ги примаат „во случајни времиња“.

Луѓето кои не одговараат на пораката со фотографија, ќе бидат повикани и прашувани зошто не одговориле, а доколку не одговорат на повикот, полицијата ќе биде испратена на нивна адреса.

Пробната употреба на апликацијата започна на 23 август со 50 учесници, но премиерот Маршал потврди дека се планира распоредување низ Јужна Австралија.