Австралиската полиција во вторникот соопшти дека нападот со нож врз епископот на асирската црква и некои верници во Сиднеј бил терористички акт мотивиран од наводен верски екстремизам, откако земјата беше потресена од вториот масовен напад со нож во изминатите три дена.
Најмалку четири лица беа ранети во нападот, вклучувајќи го и епископот Мар Мари Емануел од Асирската црква на Христос Добриот Пастир, кога маж го нападна со нож за време на богослужба во понеделникот.
Инцидентот во западното предградие на Сиднеј, Вејкли, предизвика судири пред црквата меѓу полицијата и гневната толпа следбеници на епископот кои бараа напаѓачот да им биде предаден.
Полицијата го уапсила тинејџерот на местото на настанот и била принудена да го задржи внатре во црквата за негова безбедност.
„Веруваме дека има елементи кои се исполнети во однос на религиозно мотивиран екстремизам“, изјави началничката на полицијата на Нов Јужен Велс, Карен Веб, додавајќи дека по досегашната истрага било заклучено дека се работи за терористички инцидент.
Од полицијата велат дека имало умисла и дека напаѓачот со нож се упатил кон црквата, далеку од неговиот дом. Исто така, се наведува дека во оваа рана фаза од истрагата, полицијата верува дека напаѓачот дејствувал сам.
Во соопштението, Црквата на Христос Добриот Пастир нападот го нарече изолиран инцидент и рече дека се чекаат полициските наоди за мотивот на напаѓачот. „Црквата ја осудува одмаздата од секаков вид“, се вели во него.
Екипите на итната помош соопштија дека по конфликтот пред црквата зеле околу 30 лица, а седуммина од нив со повреди се префрлени во болници. Неколку полицајци, исто така, се хоспитализирани со повреди, а оштетени се 20 полициски возила, рече Веб.
Ова беше втор голем напад со нож за само три дена во најнаселениот град во Австралија, откако шест лица беа убиени, а 12 повредени во напад со нож во трговски центар покрај плажа во областа Бонди во саботата.
Премиерот Ентони Албанесе рече дека во Австралија нема место за насилен екстремизам.
„Ние сме нација што го сака мирот. Ова е време да се обединиме, а не да се делиме, како заедница и како земја“, рече тој за време на прес-конференција.
Проповедите во живо на епископот Емануел привлекуваат светска публика, а неговите видеа собираат стотици илјади прегледи на интернет. Тој стана познат по своите тврдокорни ставови за време на пандемијата кога ги опиша карантините како „масовно ропство“, објавија медиумите во тоа време. Проповед објавена на YouTube минатата година покажува дека епископот го критикува и исламот.