Австралија Опен: Синер против Ѓоковиќ во полуфинале

Италијанскиот тенисер Јаник Синер се пласираше во полуфиналето на Австралија Опен победувајќи го Русинот Андреј Рубљов во четвртфиналето со 6-4, 7-6 (5), 6-3.

За 22-годишниот Синер ова е вторпат да се пласира во полуфинале на гран-слем турнир, по минатогодишниот Вимблдон каде загуби од светскиот играч број еден Новак Ѓоковиќ кој сега ќе му биде противник во полуфиналето во Мелбурн.

Од друга страна, ова беше 10-ти настап за Рубљов во четвртфиналето на гран-слем турнир и 10-ти пат кога со наведната глава го напушта теренот.

Претходно во вторникот, по повеќе од три ипол часа игра, Ѓоковиќ во четвртфиналето го победи Американецот Тејлор Фриц со 7:6 (3), 4:6, 6:2, 6:3. Ова е 11-ти пат во кариерата Ѓоковиќ да се пласира во полуфиналето на Австралија Опен, а во сите 10 претходни случаи кога стигна до оваа фаза, на крајот ја освојуваше титулата.

За српскиот тенисер ова е воедно 33-та последователна победа на Австралија Опен, последен пат загуби во 2018 година, во 4. коло од Кореецот Хјеон Чунг.

Ѓоковиќ и Синер се сретнаа трипати на крајот на минатата година, Синер победи на два меча, во групата на АТП Финалето во Торино и во полуфиналето на Дејвис купот, а Ѓоковиќ еднаш излезе како победник, во финалето на завршиот АТП турнир.